Израел ги разгледува опциите како да му возврати на Иран за досега невидениот напад во кој беа лансирани над 300 дронови и проектили, но навести дека нема веднаш да дејствува сам, додавајќи дека вооружените сили имаат одобрено и офанзивни и дефанзивни планови.
Тричлениот воен кабинет вчера не донесе формална одлука како да му се одговори на Иран, при што двајца негови членови сугерираа дека тоа би можело да биде долгорочно. САД, чии воени авиони и бродови соборија десетици дронови и проектили за време на вчерашниот напад, го предупредија Израел дека нема да учествуваат во никакви одмазднички акции против Иран и го повикаа внимателно да размисли за својот одговор со цел да се избегне поширок конфликт.
Американски функционери кажаа дека иранскиот напад, во кој биле испукани и над 100 балистички ракети, можеше да доведе до катастрофални уништувања доколку не беше спречен од противвоздушната одбрана на Израел и сојузниците. Израел кажа дека 99% од лансираните дронови и проектили биле соборени и тоа пред да стигнат до негова територија.
Турција, Ирак и Јордан кажаа дека Иран неколку дена порано им најавил дека ќе нападне, додека Вашингтон рече дека не добил такво известување.
„Техеран му испрати порака на Вашингтон дури откако нападот почна и тоа преку швајцарски посредници. Нивната намера беше да предизвикаат големи уништувања“, кажаа од Белата куќа.
Иран го прогласи нападот за успешен и кажа дека неговата одбранбена операција со тоа завршила.