Поројниот дожд кој повеќе од еден час врнеше во средата попладне во Штип поплави повеќе улици во градот и и кружни токови, а го поплави и дворот на црквата „Свети Никола“ која е во центарот на градот.
Овој објект беше со поплавен двор и минатата година кога имаше сличен пороен дожд. Тогаш, а и сега водата ќе биде извадена со испумпување што обично го вршат екипи на Јавното претпријатие „Исар“ и Противопожарната единица во Штип.
По минатогодишната поплава стручни лица сметаа дека водата која навлезе во дворот полека се повлече од испустот што беше изграден, но очигледно дека не е доволен при едни вакви поројни дождови. Тие и лани и сега сметаат дека воопшто не се загрозени темелите на црквата кои се мошне стабилни и обложени со водоотпорни заштитни материјали.
Т. ЈОВАНОВСКИ