Денес во 18 часот во Венеција во објектот Скуола деи Ланери се отвора македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале на уметноста, со проектот „Помеѓу надеж и страв“ (Inter Spem et Metum) на уметницата Славица Јанешлиева.
Овогодинешното биенале го курира Адриано Педроса, а генералната тема е „Странци насекаде.“
Носител на проектот е Националнaта галерија на Македонија (НГМ), комесар е Дита Старова-Ќерими, директорка на НГМ, а куроторка е Ана Франговска, кустос советник во НГМ.
„Станува збор за концептуално осмислена просторна инсталација. Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева нѐ впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде нѐ соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа нѐ соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените кфалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување“, велат од Националната галерија.