Израел ноќеска го нападна Иран во ограничен обем, што доаѓа неполна недела по масовниот ирански воздушен напад. Американски функционери кажаа дека еден проектил го погодил Иран и дека се слушнале експлозии кај градот Исфахан, каде што се наоѓаат голема воена база и нуклеарни капацитети.
Државните медиуми објавија дека експлозиите се резултат на дејствувањето на противвоздушната одбрана и дека биле соборени три дрона над Исфахан.
Американски функционери потврдија дека Израел извел воена акција против Иран, без да изнесат детали. Тие кажаа дека Израел вчера ја предупредил Белата куќа дека напад ќе се случи во следните 24 до 48 часа, уверувајќи дека мета нема да бидат иранските нуклеарни постројки.
Иранската телевизија „ИРИБ“ објави дека нуклеарните капацитети во Исфахан се целосно безбедни и дека животот во градот се одвива нормално. Иранскиот Национален центар за сајберпростор негираше дека имало напад со проектили во границите на Иран, туку само „неуспешен обид за лансирање дронови“.
Генерал на иранската војска изјави дека нема пријави за штети во провинцијата Исфахан.
„Силниот звук што се слушна во Исфахан е резултат на дејствувањето на противвоздушната одбрана кон сомнителни објекти. Нема никакви штети“, кажа тој.
По иранскиот напад врз Израел со над 300 проектили и дронови, Тел Авив вети дека ќе се одмазди, но не кажа како.