Министерот за образование и наука Јетон Шаќири не кажува зошто училиштата добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН) дека деновите кога се одржуваат избори ќе се надоместат со организирање настава во деновите: 18 мај (сабота) со часови за денот 24 април и 1 јуни (сабота) со часови за денот 8 мај. На 24 април е закажан првиот круг од претседателските избори, а на 8 мај, вториот круг од претседателски избори и парламентарни избори.
МОН ги известило и школите во Скопје дека на 15 јуни ќе го одработуваат денот од 30 ноември лани, кога изгубија настава поради Министерскиот совет на ОБСЕ.
Ова известување испратено до школите на 18 април е спротивно на одлуката на Владата од 16 април која ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржување на изборите, 24 април и 8 мај, поради непречено одржување на изборниот процес и како што соопштија оттаму, нема да се одработуват.
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков објави дека испратиле реакција до Шаќири, во која бараат тој веднаш да ја повлече одлуката за одработување.
Од кабинетот на министерот до објавувањето на текстот не одговорија на нашето прашање зошто е испратено такво известување и дали ќе ја повлече одлуката.
„Негодувањето се темели на неколку аргументи. Ова е дискриминација бидејќи само вработените во основното образование ќе треба да ги одработуваат неработните денови. Во ниедна друга дејност од јавниот сектор нема да се одработуваат денови, ниту во средното ниту во високото образование. Искуствата покажуваат дека работењето во сабота е неефективно и непродуктивно, со намален број на присутни ученици. Работата во сабота би предизвикало дополнителни трошоци, како за установата така и за вработените“, стои во писмото од СОНК до МОН.
Министерството вчера испрати соопштение до медиумите дека денес (петок) во 11 часот во општина Куманово, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе изврши увид во тековните активности за изградба на новиот објект на средното општинско училиште „Сами Фрашери“.
„23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта. При тоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред“, вели МОН.
Од Министерството додаваат дека иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал.
Соговорници од неколку скопски туристички агенции ни рекоа пролетниот распуст за учениците и Велигденските празници, искомбинирани со 8 мај ги наполнија директните летови од Македонија до познатите туристички летувалишта во Турција.
Први Мај се паѓа во среда и е неработен за сите граѓани, а 3 мај, Велики петок е неработен за граѓните од православна вероисповед.
За првпат годинава, учениците ќе имаат пролетен распуст од 29 април (понеделник) до 6 мај (недела).Но, Велигден е на 5 мај, а секогаш денот после Велигден е неработен, значи 6 мај е неработен. На 8 мај ќе се одржат парламентарните избори, а со одлука на Владата од 16 април, тој ден, среда, ќе биде неработен за сите граѓани. Што значи, дека учениците само што ќе тргнат на училиште на 7 мај, пак ќе одморат еден ден.
На денот на изборите 24 април и 8 мај кои Владата ги прогласи за неработни, Трудовата инспекција не може да казнува или затвора објекти. Овие два неработни денови не се утврдени со Законот за празници туку со владина одлука, па оттука инспекторите не можат да постапуваат. Тоа значи дека приватните фирми или компании можат да работат ако сакаат, не треба да им даваат празнична дневница на вработените и не може да заработат казна, ама и вработените не мора да доаѓаат оти се заштитени со одлука на Владата.
Б. НЕСТОРОСКА