Доналд Трамп се обидел незаконски да влијае врз претседателските избори во 2016 така што спречил штетни приказни за неговиот приватен живот да излезат во јавност, кажа обвинителството на почетокот на историското судење против бившиот претседател за тајната исплата за порноактерката Сторми Даниелс. Адвокатот на Трамп, Тод Бланш, изјави дека тој е невин и го нападна интегритетот на неговиот некогашен соработник Мајкл Коен, кој сега е клучен сведок на обвинителството. Бланш додаде дека ова судење никогаш не требало да се случи.
Ова е прво судење на еден бивш американски претседател за кривично дело и се случува додека Трамп е среде нова претседателска кампања. Судењето ќе понуди повеќенеделни сочни и непријатни сведочења за напорите на Трамп да ја задуши приказната за која се плашеше дека би можела да му ја упропасти кандидатурата, вклучително и тврдењата на порноѕвезда дека имале вонбрачна врска една деценија порано.
„Овој случај е за криминален заговор и измама. Обвинетиот Доналд Трамп раководел со криминална шема за да ги корумпира претседателските избори во 2016, а потоа го прикрил тој заговор со лажење во неговите деловни книги во Њујорк. Трамп го поканил својот пријател Дејвид Пекер на состанок во кулата ‘Трамп‘ и како дел од нивни договор, Мајкл Коен ѝ платил 130.000 долари на порноактерката Сторми Даниелс за да ја замолчи и да се увери дека јавноста нема да дознае за нејзината сексуална средба со обвинетиот“, кажа обвинителот Метју Коланџело.
Бланш возврати дека нема ништо погрешно во тоа да се обидеш да влијаеш врз избори.
„Тоа се вика демократија“, рече тој.