УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ ЈА НАДОМЕСТАТ ИЗГУБЕНАТА НАСТАВА ПОРАДИ ИЗБОРИТЕ ВО РАБОТНИ ДЕНОВИ, НЕ ВО САБОТИ

    УЧЕНИЦИТЕ ЌЕ ЈА НАДОМЕСТАТ ИЗГУБЕНАТА НАСТАВА ПОРАДИ ИЗБОРИТЕ ВО РАБОТНИ ДЕНОВИ, НЕ ВО САБОТИНаставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни. (Фото: К. Попов)

    Учениците нема во саботи да ја надоместат наставата од деновите на гласање, туку ќе се надомести во работни денови, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

    „Министерството информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови“, се вели во новото известување.

    Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците.

    „Потсетуваме дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни и потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, вели МОН.

    Минатата недела, училиштата добија известување од Министерството за образование и наука дека деновите кога се одржуваат избори ќе се надоместат со организирање настава во деновите: 18 мај (сабота) со часови за изборниот ден 24 април и 1 јуни (сабота) со часови за денот 8 мај. На 8 мај е вториот круг од претседателски избори и парламентарни избори. МОН ги известило и школите во Скопје дека на 15 јуни ќе го одработуваат денот од 30 ноември лани, кога изгубија настава поради Министерскиот совет на ОБСЕ.

    Ова известување испратено до школите на 18 април е спротивно на одлуката на Владата од 16 април која ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржување на изборите, 24 април и 8 мај, поради непречено одржување на изборниот процес и како што соопштија оттаму, нема да се одработуваат.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира