„17“ Е ФИЛМ ЗА РАНЛИВИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА КОСАРА МИТИЌ

    „17“ Е ФИЛМ ЗА РАНЛИВИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА КОСАРА МИТИЌРежисерката Митиќ (десно) и кинематограферот Наум Доксевски на денешната прва клапа на „17“. (Фото: К. Попов)

    Вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановци  и замина на апсолвентска екскурзија во странство, е инспирација за филмот „17“, дебитански долгометражен филм на режисерката Косара Митиќ.

    Филмот почна да се снима денес, во една од изложбените сали на Музејот на Македонија. Продукцијата е на „Црна мачка продукција“. Сценариото е на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ.

    Во филмот играат 25 тинејџери, всушност цел клас кој оди на екскурзија.

    Во своето долгометражно првенче, режисерката фокусот го става на откривање на скриените комплексности на тинејџерскиот живот во општеството во транзиција. Сценариото инспирирано од настан од реалниот живот, ја следи Сара, 17-годишна девојка која се движи низ бурните води на адолесценцијата среде општествените притисоци и личните предизвици. Додека Сара се бори со трауми и тајни, филмот навлегува во темите на идентитетот, сексуалноста и општествените очекувања.

    „Филмот ’17’ е фокусиран на средношколците и тинејџерите, кои се критична и ранлива демографија. Во свет заситен со социјални медиуми, каде што владеат вредности кои шокираат, ’17’ ги предизвикува гледачите да се соочат со непријатните вистини за адолесценцијата и потрагата по потврда во дигиталниот пејзаж кој постојано се менува, притоа, оставајќи ги изложени повеќе од било кога досега на притисоците од средината и потребата за истражување на нивната сексуалност“, изјави Митиќ.

    Филмот почна да се снима денес, во една од изложбените сали на Музејот на Македонија. (Фото: К. Попов)Митиќ доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) за филмот на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021. Филмот е во копродукциска соработка со „Арт и Покорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, со поддршка од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд.

    „Верувам дека соработките со новите генерации значат нивно воздигнување во светот на филмот и домашната кинематографија и истовремено придонесуваат за доближување на нивниот свет до нашето општество. Очекувам филмот да го реализираме според предвидената динамика и секако како продуцент, очекувам негов успех, во кино и на фестивали“, изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.

    Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

    „Филмот ’17’ е фокусиран на средношколците и тинејџерите, кои се критична и ранлива демографија“, вели режисерката. (Фото: К. Попов)

    Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.

    Митиќ досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира