Суд во Киев му одреди притвор на украинскиот министер за земјоделство Микола Солски поради обвинувања дека незаконски присвоил државно земјиште вредно седум милиони долари. Солски ги негира обвинувањата кои датираат од периодот од 2017 до 2021, пред да стане министер во март 2022.
Судијата му одреди кауција од 1,9 милиони долари и кажа дека ќе остане во притвор до 24 јуни.
Солски, кој вчера поднесе оставка на својата функција, е првиот министер осомничен за корупција откако Володимир Зеленски стана претседател на Украина. Ако биде прогласен за виновен, 44-годишниот Солски би можел да добие до 12 години затвор.
Солски раководеше со напорите на Украина за одржување во живот на индустријата со жито, откако руската инвазија доведе до блокада на извозните рути преку Црното Море и окупација на големи површини земјоделски полиња.