Францускиот претседател Емануел Макрон не ја отфрли можноста за испраќање копнени трупи во Украина ако Русија ги пробие украинските одбранбени линии и Киев испрати такво барање. Во интервјуто за „Економист“, Макрон ги потврди своите претходни уверувања за поддршка на Украина, додека Русија напредува на фронтот.
„Ако Русите ги пробијат одбранбените линии и ако Украина го побара тоа, што моментално не е случај, легитимно ќе мора да си го поставиме тоа прашање“, кажа Макрон.
Запрашан дали тоа значи испраќање западни трупи во Украина, Макрон одговори:
„Апсолутно. Не отфрлам ништо затоа што се соочуваме со некој кој ништо не отфрла. Европските земји мора да се штитат себеси. Русија агресивно го дестабилизира регионот“.
Тој нагласи дека Русија не смее да победи во Украина.
„Ако Русија победи, нема да има безбедност во Европа. Кој може да тврди дека Русија нема да продолжи кон Полска, Молдавија, Романија и Литванија, меѓу другите“, рече Макрон.
Ова не е првпат Макрон да дава вакви изјави, но САД и Германија децидно кажаа дека нема да испраќаат свои војници во Украина.