СО ДРЖАВНА КОНТРОЛА ВРЗ ЦЕНИТЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО СЕ ОДДАЛЕЧУВАМЕ ОД ЕУ И ОД ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА, ВЕЛАТ ОСИГУРИТЕЛНИТЕ КОМПАНИИ

    СО ДРЖАВНА КОНТРОЛА ВРЗ ЦЕНИТЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО СЕ ОДДАЛЕЧУВАМЕ ОД ЕУ И ОД ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА, ВЕЛАТ ОСИГУРИТЕЛНИТЕ КОМПАНИИОсигурителните компании сметаат дека одлуката за намалување на цените на задолжителното осигурување од автоодговорност „претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор". (Фото: СДК.МК)

    Осигурителните компании велат дека со денешната одлука на Комисијата за автомобилска одговорност за намалување на цените на осигурувањето од автоодговорност се воспоставува 100% државна контрола над цените за автоодговорност и на тој начин земјата се оддалечува и од принципите на Европската Унија и од правилата на пазарната економија.

    Комисијата за автомобилска одговорност при Министерството за финансии денеска препорача, а Владата прифати и донесе одлука цените на задолжителното осигурување од автоодговорност да се вратат на нивото од пред 25 април, кога поскапеа за 15,44 отсто.

    Осигурителните компании сметаат дека ваквата одлука „претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор, поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците“.

    Исто така, тие велат дека одлуката се должи базира единствено на непрофесионални квалификации доставени од регулаторот, Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО)

    „Осигурителната индустрија оваа анализа не ја прифаќа и смета дека е погрешно поставена и пристрасно изработена со цел докажување на однапред определено мислење и намалување на цената за автоодговорност. Неточноста на анализата се базирана на следните факти Анализата е направена комбинирано за автоодговорност, Зелена Карта и Гранично осигурување а не само за автоодговорност – која е предмет на промените. Анализата се фокусира на докажување на издржливоста/доволноста на техничката премија, а не на делот за вршење на дејност – кој е предмет на промените
    Анализата не ги зема во предвид резервираните штети и не прави проекција на инфлаторното влијание врз истите во наредните години – што е клучно за бизнис со долга опашка односно сервисирање на нематеријаните штети на долг рок. Анализата не го зема воопшто во предвид делот за вршење дејност и е непоткрепена со актуарски пресметки и проекции за трошоците. Анализата содржи паушални интерпретативни одредби и тврдења базирани на мислење, а не на факти“, се вели во соопштението на осигурителните компании.

    Понатаму, осигурителните компании сметаат дека АСО, преку презентирање на неточни анализи и давање на квалификации за индустријата и начинот на нејзиното работење, директно го нарушува угледот на сите осигурителни компании, и нивните “мајки” странските компании.

    „Регулаторот треба да работи во насока на зацврстување на осигурителната индустрија преку поддршка на нивните напори да ги заштитат осигурениците, преку креирање на солидно ниво на солвентност и ликвидност кое секако доаѓа само преку профитабилно работење. Во спротивност, се создаваат услови за нестабилност во финансискиот сектор – нешто што никој не го посакува“, велат осигурителните компании.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира