КАТОЛИЦИТЕ ОД СТРУМИЧКО РАДОВО СО КРСТЕН ПАТ НА ВЕЛИКИ ПЕТОК ГО ПРИКАЖУВААТ ПОСЛЕДНИОТ ПАТ НА ИСУС

    КАТОЛИЦИТЕ ОД СТРУМИЧКО РАДОВО СО КРСТЕН ПАТ НА ВЕЛИКИ ПЕТОК ГО ПРИКАЖУВААТ ПОСЛЕДНИОТ ПАТ НА ИСУСЕдни беа облечени како византиски војници, други беа жители на Галилеја, а Исус го глумеше момче од Радово (Фото: СДК.МК)

    Голем број граѓани со католичка вероисповест учествуваа во Крсниот пат што традиционално го организираат младите од струмичко Радово, во соработка со селската црква „Свети пророк Илија“. Станува збор за приказ на последниот пат на Исус Христос во должина од 748 метри по селските улици во Радово, при што на 14 постојки граѓаните застануваат и се молат. Ова се прави на Велики Петок во пресрет на Велигден, а традицијата потекнува од 2008, кога група млади верници сакала автентично да ги пренесе последните мигови на Исус Христос.

    Католиците од струмичко го слават Велигден според Јулијанскиот календар како што го слават и македонските православни верници.

    Со церемонијата чиноначалствуваше монсињор Киро Стојанов, бискупот скопски и струмичко-скопски епарх за католиците од византиски обред во Македонија. Тој потекнува токму од Радово, каде, според последниот попис, има 804 жители, од кои 96% се католици.

    Церемонија се одвива во должина од 748 метри по селските улици во Радово (Фото: СДК.МК)

    Крсниот пат започна од селската црква, при што напред се упатија младите. Едни беа облечени како византиски војници, а до нив беше Понтиј Пилат, други беа жители на Галилеја, а предничеше мајката на Исус. Исус го глумеше момче од Радово. На 14-те постојки низ Радово тие ги презентираа чинот на ставање на венецот од трње, давањето на светиот крст, паѓањето на Исус со крстот, обидот на граѓани да му помогнат и распнувањето.

    Се прикажува и чинот на распнувањето на Исус (Фото: СДК.МК)

    Денеска е Велики Петок, кога жалиме за Исусовата смрт, а од друга страна, ја славиме смртта, бидејќи човештвото е спасено. Во животот имаме и подеми и падови и треба да знаеме секогаш да се воздигнеме. Тоа е пораката на овој крстен пат: да знаеме да подадеме рака, да бидеме хумани и да се почитуваме и сакаме, бидејќи сите ние сме како едно семејство“, истакна отец Илија Стојанов од парохијата на католичката црква „Св. Илија“ во Радово.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира