На Часив Јар му се заканува судбината на Северодоњецк, Соледар, Бахмут и Авдиивка, откако овој стратешки важен град во источна Украина стана нова мета на руските сили.
Новите снимки од дрон покажуваат огромни уништувања во градот во регионот Доњецк, во кој веќе нема недопрени приватни и деловни објекти, а речиси целото некогашно население од 12.500 жители е иселено. Според регионалниот гувернер Вадим Филашкин, во градот се останати 632 жители, кои живеат во многу тешки услови и немаат пристап до хуманитарна помош.
Часив Јар со месеци е изложен на руските напади. Сместен на висорамнина, градот и околината сѐ уште се под целосна контрола на Украинците, но тие се жалат дека им снемува муниција. Ако Часив Јар падне во рацете на Русите, тие потоа ќе имаат отворен пат кон последните големи украински упоришта во Доњецк, Краматорск и Славјанск, што би можело да доведе до поширока руска офанзива, што Киев ја очекува во следниот период.