Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски и ректорот на Универзитетот од Белград, Владан Ѓокиќ, потпишаа меморандум за соработка во сите сфери на студии и научни истражувања.
Соработката на македонските и српските универзитети порано особено беше развиена во рударските науки, но во последните години се прошири и на информатичките и градежно-технолошките науки. Најдобар пример за тоа е проектот што го реализираа професорот од Штипскиот универзитет Владо Гичев и професорот Борко Булајиќ од Универзитетот во Нови Сад
„Речиси една година го реализираме заедничкиот проект за вибрациите на еден од најновите и најголеми мостови на Балканот. Мостот ‘Ада‘ на Сава во Белград е долг речиси еден километар, широк е 45 метри и со најголема висина од 200 метри. Мостот има по три коловозни ленти во двете насоки, во средината се две трамвајски линии, а на краевите се патеките за пешаци и велосипедисти“, вели Гичев.
Врз основа на досегашните следења на фреквенцијата по мостот, утврдено е дека секоја минута поминуваат неколку илјади возила, пешаци и велосипедисти и на секои две минути по еден трамвај во двете насоки. Проектанти на мостот се Виктор Маркељ и Петер Габријелчич од Словенија.
„Според прифатениот научен проект, на мостот сега се мери дејството на амбиенталните вибрации. Тие се предизвикани од сообраќајот, дејството на ветер, дејството на протокот на Сава врз фундаментите и столбовите на мостот и слично. Првобитните мерења покажуваат дека при поминување на трамваи вибрациите значајно се зголемуваат“, вели Гичев.
Според него, како резултат на мерењата на амбиенталните вибрации, се добиваат природните фреквенции и нивните соодветни тонови и форми. Овие податоци се неопходни за предвидување на динамичкиот одговор на мостот при земјотреси.
„Врз основа на динамичкиот одговор на мостот може да се предвиди колкави напрегања и деформации ќе претрпи мостот и на кое место тие ќе бидат најголеми. Најголемиот распон од 576 метри се јавува во средишниот дел. На овој дел нема столбови под плочата на мостот, туку мостот се потпира на челични кабли кои на еден крај се потпираат на 200 метри столб, а на другиот се анкерувани во плочата на мостот. Тоа ни укажува дека најголемото поместување би било на средишниот дел“, вели Гичев, кој своите истражувања ги има објавено во најреномирани светски списанија.
Во последните неколку години, истражувачкиот интерес на Гичев е свртен и кон проучување на амбиентални вибрации на објекти.
„Заедно со мојот колега Булајиќ и неговиот тим, како и моите помошници во проектот, асистентите Дарко Богатинов и Јордан Поп Картов, сметаме дека испитувањата целосно ќе завршат до крајот на годината, кога ќе излезе завршен извештај за измерените и процесирани вибрации и природни фреквенции и како тие ќе се одразуваат на стабилноста на мостот“, вели Гичев.
По дипломирањето на Градежниот факултет во Скопје, Гичев магистрирал на Машинскиот факултет во Скопје, а докторирал на Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес во 2005. По враќањето од САД е избран за декан на Факултетот за информатика при новоформираниот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, каде го формираше Машинскиот факултет. Одржал повеќе научни предавања во Кина, Турција, Србија, Бугарија и САД.
Т. ЈОВАНОВСКИ