Државната изборна комисија (ДИК) денеска на Гордана Сиљановска-Давкова ѝ издаде Уверение за избран Претседател на Република Северна Македонија, соопшти ДИК. Со тоа, и официјално според резултатите од претседателските избори одржани на 24 април и 8 мај, Сиљановска-Давкова е избрана за Претседателка на државата.
Таа утре напладне ќе биде инаугурирана во Собранието и ќе положи заклетва како претседателка на државата пред претходниот парламентарен состав, и воедно ќе стане прва жена на оваа функција. Со тоа, официјално ќе ја преземе функцијата и ќе го почне петгодишниот мандат.
Утре во 13 часот, со највисоки државни и воени почести ќе се одржи и официјална церемонија на примопредавање на претседателската функцијата во Кабинетот на претседателот. По свечената церемонија, средба ќе имаат новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Стево Пендаровски.
Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47%.
Според конечните резултати на ДИК, Стево Пендаровски освои 251.899 гласови, а Гордана Сиљановска-Давкова освои 561.000 гласови.