ЗА НАЈАВЕНИОТ КРЕДИТ НА МИЦКОСКИ ОД МИЛИЈАРДА ЕВРА ОД НЕКОЈА СТРАНСКА ВЛАДА, ГУВЕРНЕРКАТА НА НАРОДНА БАНКА КАЖА ДЕКА ТОЈ ТРЕБА ДА Е ОПРАВДАН И ДА БИДЕ ПОД НАЈДОБРИТЕ УСЛОВИ

    ЗА НАЈАВЕНИОТ КРЕДИТ НА МИЦКОСКИ ОД МИЛИЈАРДА ЕВРА ОД НЕКОЈА СТРАНСКА ВЛАДА, ГУВЕРНЕРКАТА НА НАРОДНА БАНКА КАЖА ДЕКА ТОЈ ТРЕБА ДА Е ОПРАВДАН И ДА БИДЕ ПОД НАЈДОБРИТЕ УСЛОВИЕден од важните фокуси треба да ни бидат меѓународните финансиски институции, каде условите под кои ги даваат кредитите се многу поповолни од пазарните услови, смета Ангеловска-Бежовска (Фото: СДК.МК)

    Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска, прашана за најавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за задолжување на идната влада од влада на странска држава, на денешната прес-конференција кажа дека претпочита задолжување пред меѓународните финансиски институции, бидејќи тие даваат најповолни услови. Таа рече дека мора да се оправда толкавото задолжување на државата.

    „Прво, намената на задолжувањето мора да е оправдана, да е за нешто што ќе го зголеми потенцијалот на државата и второ, треба да се фокусираме на извори кои ќе обезбедат поволни концесионални услови за финансирање на нашата економија. А меѓународните финансиски институции, вообичаено обезбедуваат такви услови за финансирање. Секако, ако има и други извори кои што би дале такви услови, треба да се земат предвид“, кажа Ангеловска-Бежовска.

    Партијата на Мицкоски освои 58 пратенички мандати на парламентарните избори на 8 мај и се очекува тој да биде мандатар за нова Влада. Најавата за задолжување од една милијарда тој ја даде во предизборната кампања.

    Гувернерката убаво објасни зошто во моментов треба да се земаат кредити од меѓународните финансиски организации.

    „Позицијата на централната банка околу јавните финансии е јасна. Евидентно е дека дојде до значајно зголемување на буџетскиот дефицит и до значајно зголемување на јавниот долг, особено во пандемиската 2020 година, каде нашата држава не беше исклучок, бидејќи беше значајна поддршката на домашните компании за да се преживее тој шок од невидени размери.

    Резултатот на тоа е значајно зголемување на јавниот долг, кој според последните податоци е и над 60 проценти од бруто домашниот производ. Она што е клучно во ваква ситуација е фискална консолидација, а за таа да се направи, еден од клучните фактори е да се намали буџетскиот дефицит. Ние гледаме одредена патека на намалување на буџетскиот дефицит (од 8 проценти во пандемијата, минатата година на 4,9 проценти), а планирано е сведување на 3, па и под 3 проценти. Според нас, клучно е да продолжи овој процес на фискална консолидација“, неколку пати кажа таа.

    Според неа, многу е важен и начинот на задолжување.

    „Во ситуација кога и во глобален момент фунансиските услови се уште се затегнати, и каматните стапки се многу високи, многу е значајно да се фокусираме на соодветните извори на финансирање на потребите за функционирање на државата. Секако еден од важните фокуси треба да ни бидат меѓународните финансиски институции, каде условите под кои ги даваат кредитите се многу поповолни од пазарните услови. Немаме подетални унформации околу сите овие најави за новите задолжувања, нивната природа, карактер, услови итн.“, кажа таа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира