Руските сили ги засилија копнените напади во украинскиот регион Харкив и напаѓаат нови области со мали групи во обид да го рашират фронтот и да ги растегнат украинските трупи, изјави регионалниот гувернер Олег Синехубов.
Русија тврди дека нејзината војска влегла во градот Вовчанск, оддалечен пет километри од границата, односно 74 километри од Харкив, додека Украина вели дека таму и натаму се водат тешки борби.
Илјадници цивили избегаа од пограничните населени места и постои загриженост што би можело да се случи ако градот Харкив се најде во дометот на руската артилерија. Украинската војска кажа дека Русија распоредила значајни сили, до пет баталјони, во својата последна офанзива и дека има остварено тактички успеси.
„Непријателот намерно се обидува да ја растегне борбената линија, напаѓајќи со мали групи во нови насоки. Ситуацијата е тешка“, изјави Синехубов.
По тврдењата дека украинската војска не била спремна за овој руски напад, за нов заповедник на харкивскиот фронт беше назначен генералот Михаило Драпатји. Тој го предводеше ослободувањето на Херсон во ноември 2022 и досега беше заменик-шеф на генералштабот.
Двете страни велат дека Русија досега не успеала да постигне голем пробив што би ѝ овозможило да напредува кон Харкив. Селата што руските сили ги зазеле од почетокот на нападот во петокот се сместени во таканаречената сива зона меѓу руската граница и главната украинска одбранбена линија. И влијателниот руски воен блогер Рибар објави дека засега не е забележан голем пробив низ одбранбените линии.
Воени експерти сметаат дека акцијата во Харкив нема за цел освојување на вториот по големина град во Украина, туку да се натера Украина да премести дел од своите воени резерви од источниот фронт.