Дел од урнатиот мост во Балтимор беше уништен во контролирана експлозија, со цел да се расчисти патот за обнова на бродскиот превоз низ една од најпрометните морски маршрути во САД. Мостот „Френсис Скот Ки“ се урна на 26 април откако во него удри голем товарен брод, при што загинаа шестмина градежни работници кои во тој момент биле на мостот.
По судирот, околу 4.000 тони остатоци завршија во реката Потапско. Речиси 300 метри долгиот брод „Дали“ оттогаш се наоѓаше на местото на несреќата, покриен со метални отпадоци од мостот. Дваесет и еден член на посадата, главно Индијци, цело време се на бродот и го одржуваат. Тие се засолнија на бродот додека се изведуваше експлозијата.
Властите кажаа дека уништувањето се одвивало според планот, а за него беше дадено зелено светло откако беше пронајдено телото на шестата и последна жртва на несреќата.
Официјални лица кажаа дека се решиле за контролирана експлозија за да се добијат прецизни парчиња, надевајќи се дека ќе го ослободат бродот, кој треба да се врати во балтиморското пристаниште. Тоа беше затворено по несреќата и се очекува да почне со работа на крајот на мај.
„Се надеваме дека ќе го преместиме бродот во рок од два дена“, изјави адмиралот на крајбрежната стража Шенон Гилрит.
Властите на Мериленд сметаат дека обновата на мостот ќе чини 1,9 милијарди долари и треба да трае повеќе од четири години.