Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, пристигна во ненајавена посета на Киев, откако патувал девет часа со воз од полската граница. Посетата доаѓа три недели откако американскиот Конгрес одобри помош од над 60 милијарди долари за Украина и висок американски функционер изјави дека новото оружје веќе почнало да пристигнува на фронтот.
„Веќе почнавме со испораките на гранати, проектили со долг дострел и противвоздушни капацитети, што сега ѝ се најнеопходни на Украина, имајќи ги предвид новите руски активности во Харкив“, кажа тој.
Блинкен денеска ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски „за да му пренесе порака на уверување и поддршка во овие тешки моменти за украинскиот народ“, изјави еден американски функционер.
Украина се соочува со тешка ситуација на источниот фронт, каде што Русите продолжија да напредуваат по освојувањето на Авдивка, а од петокот мора да го брани и североистокот на земјата по неочекуваната руска офанзива во регионот Харкив.