Со бела лента пред угостителските објекти на Широк Сокак, во Битола конечно се означи точната мерка до каде може да се поставува урбана опрама. Со ова некои од кафулињата повлекоа маси и столици, ослободувајќи го делот од амбиенталната улица која беше непрописно зафатенa. Според Програмата за поставување урбана опрема, од центрот на улицата 2,25 метри од лево и десно треба да биде слободен простор за минувачите. Имаше делови на Широк Сокак каде ваквите одредби не беа спроведени, па се создаваше тесно грло за минување на пешаците.
Од Општина Битола соопштија дека поставувањето на урбаната опрема мора да биде во согласност со утврдените правила и прописи и издадените одобренија од Општината. Од таму велат дека за отстранување на отстапувањата кај некои угостителски објекти и овозможување на доволно пешачка зона, Општинскиот инспекторат врши интензивни контроли на терен. Инспекторите им даваат налог на угостителите за итно постапување, согласно усвоените План и Програма за поставување на урбаната опрема.
„Контролите се спроведуваа и во изминатиот период, но по барање на граѓаните, деновиве истите се интензивираат и ќе траат сè до комплетно уредување на Широк Сокак пред секој објект, согласно законските прописи. Зголемениот инспекциски надзор е во согласност со политиката на локалната самоуправа за спроведување и почитување на правилата и прописите, а со тоа и постигнување на целта за уреден град, во кој Широк Сокак навистина ќе биде широк“, соопштија од Општина Битола.
Во градот е формирано и тело кое треба да изработи нова Програма за поставување урбана опрема, кој ќе најде соодветно решение за оградувањата со стакленици и најлони пред кафулињата кои го нагрдуваат амбиенталниот лик на Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА