Грузискиот парламент денеска го изгласа контроверзниот закон за странски агенти, за кој противниците велат дека е инспириран од Русија и води кон репресија на граѓанското општество. Мнозинството пратеници го поддржа законот, што претходно поттикна политичка криза и масовни и насилни протести во земјата.
Во изминатите денови полицијата беше обвинувана дека ги тепа демонстрантите кои се собираа пред парламентот, а инциденти имаше и меѓу пратеници на седниците.
Според овој закон, сите невладини организации и независни медиуми кои примаат повеќе од 20% од своите средства од странски донатори ќе бидат регистрирани како организации кои спроведуваат интереси на странски сили. Тие ќе бидат следени од министерството за правда и ќе мора да споделуваат чувствителни информации или ќе добијат парични казни во износ до 9.400 долари.
Вашингтон кажа дека законот е инспириран од Кремљ, додека премиерот Иракли Кобахиѕе кажа дека тој е неопходен заради „транспарентност на странското влијание“. Претседателката на Грузија, Саломе Зурабичвили, кажа дека ќе стави вето на законот, но владејачката партија има доволно пратеници во парламентот за да ја надгласа.