Судскиот совет по долга расправа дали се крши Уставот на штета на мнозинската заедница Македонци, сепак се подели и со гласот на судијката Лорета Георгиева, изгласа дека врховниот судија Исамедин Лимани може да се кандидира за член на Судскиот совет, на местото на судијката Мирјана Радевска која си даде оставка по ланските скандали во Советот.
Ако биде избран Лимани за член, ќе се наруши правичната застапеност во Судскиот совет, сметаа тие кои гласаа против кандидатската листа со Лимани во неа.
За избор на член на Судскиот совет од Врховниот суд, утврдена е кандидатска листа од двајца кандидати, тоа е врховната судијка Цветанка Периќ и колегата Исамедин Лимани.
Судијата Ивица Николовски, кој има издвоено мислење, претходно кажа дека има правна пречка Лимани да биде на кандидатската листа за избор на член на Судскиот совет од редот на Врховниот суд.
„Член 104 од Уставот, но и во Законот за Судски совет изрично кажува дека Судскиот совет се состои од 8 судии, од кои 3 се од редот на заедниците”, кажа Николовски.
Николовски смета дека се нарушува правичната застапеност во Судскиот совет. Бројот 3 не може да биде 4, смета тој.
Тој им покажа извештаи од претходен избор кога во Врховниот суд била направена општа листа, но и посебна листа, на која се кандидирале врховни судии.
„Дали би било убаво ние судиите од мнозинската заедница да се кандидираме на посебната листа на немнозинските заедници? Кога ќе оди во пензија наш колега од немнозинската заедница, убаво е да му го фатиме местото на некој судија ние што сме од мнозинската заедница?”, праша членот на Судскиот совет Ивица Николовски.
Претседателот на тричлената комисија Сашко Георгиев, пак, смета дека националната припадност не е пречка да се кандидира Лимани за член на Судскиот совет.
Тој цитираше закон дека секој судија од Врховниот суд има право да се кандидира за член на Судскиот совет. Тој смета дека одредбите во Уставот се само загарантирано право на немнозинските заедници.
Тања Чачарова-Илиевска го поддржа судијата Ивица Николовски и членот 104 од Уставот. Рече дека ова уставно решение во целост е преземено во Законот за Судскиот совет.
„Прифаќањето на Лимани на општата кандидатска листа, е флагрантно кршење на Уставот. Ќе се наруши составот на Судскиот совет. Јас ќе се држам за овие уставни и законски одредби и сметам дека неговата апликација треба да биде одбиена”, рече таа.
Судијата Антоанета Димовска додаде дека врховниот судија Лимани не може да биде на кандидатската листа. Ги зеде за пример колегите Мирсад Суроји и Сашко Георгиев, Албанец и Влав, кои наскоро одат в пензија.
„Од каде ќе бираме нивни наследници? Нормално, од редовите на помалите заедници”, рече таа.
Селим Адеми не се согласува и кажа дека никаде во огласот немаше забрана Исамедин Лимани да се кандидира. Тој додаде дека не се согласува оти ќе се наруши Бадентеровиот систем, бидејќи ако Лимани од општата листа биде избран за член на Советот, тој нема да гласа по Бадентер, зашто тој е загарантиран за избраните тројца судии од посебните листи за помалите заедници.
Миљазим Мустафа кажа дека во Уставот има долна, но нема горна граница за претставување на помалите заедници во Судскиот совет.
Судијката Лорета Георгиева кажа дека една е листата во Врховен суд и оти таа е во дилема дали може да му се ограничи на Исамедин Лимани да се кандидира. Taa забележа дека Периќ ќе биде сама на листата и со еден свој глас ќе може да се избере за член на Советот, заборавајќи дека врховниот судија Наќе Георгиев беше сам на изборите и тогаш не и пречеше.
И Мирсад Суроји смета дека Судскиот совет не смее да биде пречка, да дискриминира и да прави етнички поделби. Смета дека треба да се прифати кандидатурата на Лимани.
Димовска повторно се јави за збор и кажа оти таа е најголем поборник за граѓански концепт, но за жал Уставот е јасен и ја дефинира правичната застапеност.
„И како јас утре ќе му кажам на судијата Лимани: ‘Ааа, вие не можете да гласате по Бадентер, не сте од посебна листа!’ Ќе рече јас сум припадник на малцинската заедница, имам право да гласам’. Ќе се наруши цел систем кој го пропишале јасно Уставот и Законот за Судски совет”, рече Димовска.
Потпретседателот Ханиф Зендели ги поддржа двете кандидатски листи.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева пак го прочита Уставот и потенцираше дека амандманот 28, односно членот 104 од Уставот не вели „најмалку тројца судии од припадниците на заедниците” и тоа според неа не е случајно.
„Јас се плашам од одговорност ако го прекршам Уставот”, кажа Дамева.
Тројца судии се утврдени на кандидатската листа за избор на член на Советот од апелационо подрачје Битола: Александар Камбовски, Александра Поп Стефанија и Татјана Сусулеска.
С. К. ДЕЛЕВСКА