Одделенијата за ортопедија во болниците низ земјава се полни со пациенти кои добиле скршеници при пад од електричен тротинет. Тротинетите се движат со недозволена брзина од 50 километри на час, иако максимално дозволената е 25 км на час, па затоа падот од нив е доста сериозен. Како што затоплува времето така се поголем број луѓе го користат тротинетот како превозно средство, а со тоа расте и бројот на повредените.
Последниве неколку години, откако електричните тротинети почнаа да се користат и изнајмуваат, ортопедите секојдневно се соочуваат со пациенти кои се повредиле при пад и сообраќајни несреќи.
„Во последните неколку години е зголемен бројот на пријави на Ургентен центар од повреди при пад од тротинет. Најчести фрактури кои се случуваат од пад од тротинет се фрактура на клучната коска, на клавикулата, на надлактица и на шаката. Се случува да дојдат и со фрактури на колк, но и на главата, па тие повреди барале и интерхируршки третман на други клиники. Во последниве години е многу проширена нивната употребата и затоа апелирам возачите да користат кацига и да возат на пропишани локации и претпазливо“, вели д-р Александар Трајановски, директор на Универзитетска Kлиника за Tрауматологија, Oртопедски болести, Aнестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Само во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје од почетокот на годинава, за 4 месеци на Ортопедскиот оддел се третирани 23 пациенти со скршеници од тротинети. Раководителот на одделот д-р Зоран Несторовски вели дека најчесто станува збор за повреди на горните екстремитети, клучна коска, рамо, подлактица, надлактица, шака… Тој вели дека има и пациенти кои се примаат со скршеници кои не се возачи на тротинет, туку пешаци кои настрадале од ударот на тротинет, на тротоар или на автобуска станица.
Во Министерството за внатрешни работи се води евиденција за сообраќајните несреќи во кои учествувале возачи на тротинети. Нивниот број расте од година до година. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2021 се случиле вкупно 26 сообраќајни незгоди од кои 11 возачи на тротинет добиле тешки телесни повреди и 15 возачи телесни повреди. Во текот на 2022, се случиле вкупно 35 сообраќајни незгоди од кои 6 возачи добиле тешки телесни повреди и 29 возачи телесни повреди. Лани имало 52 сообраќајни незгоди со тротинет, од кои 14 возачи добиле тешки телесни повреди и 38 возачи телесни повреди.
Според податоците на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот во 2019 едно лице загинало при управување со тротинет.
- ПАРИЗ СТАНА ПРВИОТ ГЛАВЕН ГРАД ВО ЕВРОПА КОЈ ГО ЗАБРАНИ ИЗНАЈМУВАЊЕТО ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ
-
ДНЕВНО ИМА 2.000 ИЗНАЈМУВАЊА НА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ТРОТИНЕТИ ВО СКОПЈЕ, ДЕСЕТИНА СЕ УНИШТЕНИ
Во голем број европски градови се отвори дебатата дали треба да се забрани изнајмувањето тротинети, токму поради големиот број сообраќајни несреќи. Париз минатата година стана првиот град кој го забрани изнајмувањето на тротинети откако на референдум дури 90 отсто од граѓаните ја поддржаа забраната.
Од лани летото и во Скопје почнаа да се изнајмуваат електрични тротинети, како проект на приватна фирма. Тогаш директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов предупреди дека воведувањето на опцијата за изнајмување електричен тротинет може да доведе до уште поголем хаос во сообраќајот, зашто оние кои ги изнајмуваат ретко ги почитуваат законските прописи од оваа област.
За управување тротинет постојат сообраќајни правила односно кој, како, кога и каде може да управува електричен тротинет:
- Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години
- Возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци.се забранува движење со тротинет на коловоз
- Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 километри на час, а по тротоар и пешачка патека, не смее да се движи со брзина поголема од 6 километри на час
- Ако двајца или повеќе возачи на електричентротинет се движат во група, должни се да се движат еден позади друг
- Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото односно не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото
- Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото и не смее да води животни
- Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. Иако треба, нема санкција.
- Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото. На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.
Не успеавме да дојдеме до податок колку од возачите на тротинет се казнети за непочитување на сообраќајните правила.
А. АНТЕВСКА