Словачкиот премиер Роберт Фицо и натаму е на операција и се бори за живот откако денеска беше застрелан неколкупати во градот Хандлова.
„Здравствената состојба на Фицо е многу сериозна. Ситуацијата е лоша. Во моментов немам добри вести“, изјави словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак.
Тој додаде дека операцијата за спас на Фицо трае веќе три и пол часа.
„Она што се случи денеска е стигма што ќе нѐ прогонува долго време. Се надеваме дека премиерот Фицо е доволно силен за да се справи со оваа траума“, кажа Калинак.
Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај-Ешток изјави дека напаѓачот пукал пет пати и дека Фицо е во критична состојба.
„Првичната истрага заклучи дека мотивот на нападот е политички. Идејата за нападот се родила по претседателските избори“, рече Шутај-Ешток.
Педесет и деветгодишниот Фицо, кој лани се врати на власт, беше застрелан пред локалниот центар за култура нешто по 14:30 часот, додека заминуваше од владина седница. Тој прво беше префрлен во локалната болница, а потоа со хеликоптер беше превезен во соседниот град Банска Бистрица. Словачките медиуми објавија дека Фико има рани на стомакот и рака и дека при доаѓањето во болницата бил свесен.
Нападот го извршил 71-годишен маж, жител на едно село во централна Словачка, кој беше уапсен на самото место. Тој порано бил чувар во еден трговски центар, напишал три збирки поезија и бил член на Друштвото на писатели на Словачка.
„Немам идеја какви биле намерите на татко ми и што планирал“, изјави синот на атентаторот.