Дваесет и деветгодишна Холанѓанка доби дозвола да биде евтаназирана врз основа на неподносливо ментално страдање и очекува да го заврши својот живот во следните недели. Зораја тер Бик го добила одобрението за асистирано умирање по три и полгодишен процес според закон усвоен во 2002.
Нејзиниот случај предизвика контроверзи во Холандија бидејќи барањето за асистирано умирање поради психијатриски болести во Холандија е невообичаено, иако бројките се во пораст. Во 2010 имало два вакви случаја, што скокнало на 138 во 2023. Тер Бик вели дека разбира зошто случаите како нејзини се контроверзни.
„Луѓето мислат дека кога си ментално болен не можеш да мислиш правилно, што е навредливо. Во Холандија го имаме овој закон повеќе од 20 години и постојат стриктни правила“, изјави Тер Бик.
Според холандските закони, за да се одобри асистирано умирање потребно е едно лице да трпи неподносливо страдање без можност за подобрување. Тие мора да бидат целосно информирани и компетентни да донесат таква одлука.
Тер Бик почнала да чувствува проблеми уште во младоста. Имала хронична депресија, анксиозност, траума и неодредено нарушување на личноста. Исто така ѝ бил дијагностициран аутизам. Одела на интензивни третмани и примала разни лекарства.
„Во почетокот на третманот чувствуваш надеж и мислиш дека ќе бидеш подобро, но како што одминува, почнуваш да губиш надеж. По десет години веќе немаше што да се проба и знаев дека не можам да се носам со мојот сегашен живот“, кажа Тер Бик.
Помислувала да изврши самоубиство, но вели дека тоа лошо би влијаело врз нејзиното семејство.
„Три години бев на листата на чекање за асистирано умирање и ниеднаш не се премислив. Страв ми е, но решена сум да го направам тоа“, вели Тер Бик.