БИТОЛА НА ДОФАТ НА ТУРИСТИТЕ – ТУРИСТИЧКИ РАБОТНИЦИ ИЗРАБОТИЈА КОМПЛЕТЕН ГРАДСКИ ВОДИЧ 

    БИТОЛА НА ДОФАТ НА ТУРИСТИТЕ – ТУРИСТИЧКИ РАБОТНИЦИ ИЗРАБОТИЈА КОМПЛЕТЕН ГРАДСКИ ВОДИЧ Новата брошура е испечатена  и ќе може да се најде бесплатно на педесетина локации низ Битола. (Фото: СДК.МК)

    Битола добива комплетен градски водич за туристи кои ќе одлучат во претстојната сезона да го посетат градот и околината. Битолскиот градски водич чија промоција ќе се одржи вечерва, содржи нова печатена брошура на 36 страници со информации корисни за туристите, мапа од градот и националниот парк Пелистер, разгледница, а изработена е и веб страница „Bitola city guide“ со многу дополнителни информации и значајни настани распоредени календарски.

    Креатори на ваквиот туристички водич се двајцата туристички работници со долгогодишно искуство Горан Пинза, лиценциран туристички водич и менаџер по туризам и угостителство и Горан Спировски вработен во туристичка агенција, како и  Здружението „Дојди, види, уживај“ кое организира тури на Пелистер.

    „Целта на водичот е поедноставување на престојот на туристите во Битола. На градот му фали туристички инфо центар , простор каде кога ќе стигне туристот може да се информира што може да посети во зависност од неговиот интерес – дали тоа ќе биде автосалонот во Крлино, културните знаменитости како Хераклеја, рафтинг низ река во Мариово, со џип да се искачи до езерата на Пелистер или друго. Водичот заедно со брошурата и веб страницата на едно место кажуваат што се може да се види во Битола“, вели Пинза.  

    Новата брошура е испечатена  и ќе може да се најде бесплатно на педесетина локации низ Битола. Информациите на 36 страници поделени се на категории, од хотели, приватно сместување, кафетерии, ресторани. Во средината има печатена мапа  од центарот на градот, од Хераклеја до Старата чаршија со означени бројки кој објект каде се наоѓа, а од задната страна е мапа на Националниот парк Пелистер со означени патеки на движење, тежина на искачување и должина. Брошурата ќе ги потсети корисниците и на старите добри навики зашто содржи и разгледница од Битола која за време на престојот ќе можат да ја пратат во местото од каде доаѓаат.

    „Во брошурата има три во едно – информации за места што треба да се видат, мапа на движење и разгледница“, велат креаторите.

    Изработена е и апликација која бесплатно може да се спушти на мобилните телефони со туристичката понуда на градот.

    „Ова е единствен комплетен водиш за Битола во кој е ставен акцент на топ 10 места кои треба да се посетат во градот и Националниот парк, а делумно го опфаќаме и Регионот. Сакаме да покажеме дека имаме прекрасна местоположба каде за наполн час ги имаме Крушево, Преспа и Охрид, па туристите можат да остануваат на подолг период “, вели Пинза.

    На водичот работеа професионалци од различни области, а и фотографиите се авторски, а не преземани од интернет.

    Лани Битола имаше најдобра туристичка сезона во последните години со оглед на големиот број на повратници кои го посетија родното место по ковид-кризата, а зголемен беше и бројот на попатни посетители од Турција, Полска, Израел и други места.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА   

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира