Тројца шпански туристи се убиени од вооружени напаѓачи во централен Авганистан, во градот Бамијан, соопштија шпанските власти. Авганистанските власти велат дека убиен е и еден Авганистанец, додека други четири странци и тројца Авганистанци се повредени.
Ниту една група не презеде одговорност за нападот, но авганистанското министерство за внатрешни работи вели дека се уапсени четири лица.
Талибанската влада соопшти дека „силно го осудува нападот, изразува сочувство до семејствата на жртвите и ветува дека сите криминалци ќе бидат најдени и казнети“.
Во Бамијан се наоѓаат остатоците од две огромни статуи на Буда, кои што беа срушени со експлозив од страна на Талибанците во 2001 година.
Откако се вратија на власт во 2021 година, Талибанците се обврзаа да ја вратат безбедноста во земјата и охрабруваат туристи да ја посетуваат земјата.