Познати глумици на една маса, со нивните другарки од поширок круг се веселеа на роденденот на актерката Кети Илиевска-Силјановска, со добро мезе, добро вино и со песна во една скопска кафеана. Кети, во друштво се колешките од истата класа на Факултетот за драмски уметности Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Гордана Ендровска и Калина Наумовска, вели „Со нив интензитетот на пријателство остана ист откако се запознавме“.
Во женското друштвото се генерациски блиски и глумиците не само од Театарот за деца и младинци кој е матичен на Кети, туку ги има и од Драмски, а и невработени. Глумиците кои се дружат и надвор од работа се и Ана Левајковиќ- Бошков, Благица Трпковска и Тања Кочовска-Павловска, а во друштвото се и Лаура Лабринеас, Микица Трујкановиќ, Анита Тодоровска и Агапи и Ирена Стојчевска.
„Темпото на живот и обрските не ни дозволуваат толку често да се дружиме, па затоа е убаво кога имаме повод, тогаш е речиси обврзувачки за секого да дојде. Тешко е во ова време да се одржуваат стари другарства, а еве нам ни успева. Со колегите од класа почнавме уште на времето секогаш да одиме на ручек кога ќе земевме плата. Сега не стигнуваме баш со тој ритам да се дружиме, но секогаш сите со радост се собраме“, вели Кети.
Таа раскажува оти се сите надарени за пеење и увежбани на некој начин, па нивните собиранки се темелат на пеење.
„Пееме сè што може акапела да се испее, но обично почнуваме со Оливер Драгојевиќ и со македонски песни. Добрата песна е како добар коњак“, вели Кети и додава оти тие имаат женски разговори, но гледаат да ги олабават темите за децата и за семејството, па се прават релаксирачки муабети, разговараат за претстави, за уметност, за убави нешта, за патувања и нови искуства.
„Не разговараме за политика иако не сме сите со исти ставови за општественото опкружување. Нашите ставови се гласни и јавни, но тоа не го попречува нашето пријателство. Љубовта нè поврзува. Сите сме среќни кога ќе се собереме. Обично јас сум инцијаторот, и на крај сите ми велат ‘алал да ти е што не собра’“, вели Кети.