На просторот во поранешната Касарна, на локацијата каде Општина Битола започнува со изградбата на новиот противпожарен дом, пронајдени се над 100 парчиња пушки за кои се смета дека датираат од Балканските војни. Поради ова градежните работи се привремено запрени. Надлежните служби, веднаш излегоа на терен.
Градоначалникот Тони Коњановски очекува да се провери теренот и оружјето да биде брзо отстрането за да продолжи изградбата.
„Во текот на вчерашниот ден, од страна на изведувачот на градежните работи најдена е поголема количина на лесно оружје. Пријавено е според правилата до Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Битола во периодот на Балканските и Првата светска војна била една од најбомбардираните места, така што ова не е нешто невообичаено. Активностите се прекинати се додека оваа локација не биде обезбедена онака како што треба и како што законската регулатива тоа го налага“, изјави Коњановски по увидот на терен.
Пред четири години, кај Стадионот во Битола беа пронајдени и отсратени 3.600 гранати од Првата светска војна. Битола се смета за ризично подрачје по останати експлозивни средства од војните во почетокот на минатиот век.
Ж. ЗДРАВКОВСКА