Кина започна „казнени“ воени вежби околу Тајван што ги опиша како одговор на сепаратистички активности, додека државните медиуми го осудија новоизбраниот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те. Вежбите, кои се одржуваат во Тајванскиот теснец и околу група острови контролирани од Тајван, доаѓаат три дена откако Лаи ја презеде функцијата, кого Пекинг го опиша како сепаратист.
Кина го осуди говорот на Лаи на инаугурацијата, во кој тој го повика Пекинг да запре со заканите и кажа дека двете страни во теснецот не се потчинети една на друга. Лаи кажа дека само граѓаните на Тајван можат да одлучат за својата иднина и ги отфрли кинеските тврдења за суверенитет.
Кина досега ги одбиваше повиците на Лаи за преговори и денеска почна воени вежби со војска, морнарица, воздушни сили и ракетни сили во областите околу Тајван. Источната команда на кинеската војска објави дека вежбите се изведуваат во Тајванскиот теснец, северно, јужно и источно од Тајван, како и околу четири острови контролирани од Тајван кои се наоѓаат блиску до кинескиот брег.
Кинеските медиуми објавија дека Кина испратила повеќе од десет тешко вооружени борбени авиони и изведува лажни напади заедно со воени бродови. Планирано е вежбите да траат два дена, со можност да бидат продолжени.
Тајван ги осуди вежбите и кажа дека неговите противвоздушни сили ги следат целите.
Кина одржа големи воени вежби околу Тајван и во последните две години, па на Тајван денеска нема знаци на паника.