РОСОМАН И КАРАТМАНОВО ГО ПОБЕДИЈА ВЕЛЕШКО БАШИНО СЕЛО ВО САДЕЊЕ МЛАД КРОМИД

    РОСОМАН И КАРАТМАНОВО ГО ПОБЕДИЈА ВЕЛЕШКО БАШИНО СЕЛО ВО САДЕЊЕ МЛАД КРОМИДМладиот кромид најмногу се откупува од Хрватска. (Фото: СДК.МК)

    Тивко е во велешко Башино Село, кое до пред некоја година беше најголем одгледувач на млад кромид во Македонија. Ја нема вообичаената пролетна слика на бројни производители и откупувачи на оваа раноградинарска култура. Плоштадот во Башино Село е празен, откупувачи нема, останаа само спомените од едно минато време, кога камиони оттука го разнесуваа овој зеленчук по пазарите низ земјава и пошироко.

    Последните години малкумина од локалните семејства го садат овој зеленчук. Причината е што младите не се заинтересирани, па бавчите останаа да ги работат возрасните.

    „Младите се вработија во странските фирми кои отворија фабрики во Македонија. После работа одмораат, не им е до бавчите и фолиите и така дојде време да нема кој да го одгледува младиот кромид. Останаа повозрасните да го работат“, вели Димче Далевски, жител на Башино Село.

    Селото своевремено го снабдуваше и пазарот со 22 милиони жители во поранешна Југославија, но поради ниската цена и немањето организиран гарантиран откуп сега ги задоволува исклучиво потребите на велешани. До пред некоја година младиот кромид се откупуваше за Хрватска, но интерес повеќе нема.

    Неколку години наназад младиот кромид и младиот лук најмногу се одгледуваат во Каратманово, Овче Поле.

    „Имам 65 години и со млад кромид и лук работам од 25. година. Одамна одгледуваме, само сега го бараат и откупуваат. Ако еден врзоп на пазар е 15 денари, прекупци од Скопје ни го откупуваат за осум денари, толку се цени трудот“, кажа Славе Младенов, земјоделец од Каратманово.

    Упатените велат дека местото на Башино Село во одгледувањето на младиот кромид последните години го зазеде Росоман. Оттаму шлеперите пролетва заминаа за Хрватска за католички Велигден. Земјоделците се задоволни и од цената и од пласманот.

    „Годинава имаше доста купувачи. Младиот кромид беше баран, а имаше и солидна цена, 65 до 70 денари за килограм. Целото производство се откупи, дел кај нас, нешто за Хрватска“, вели Владо Орданов, земјоделец од Росоман.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира