Разрешен е директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски, кажа денеска министерот за здравство Илир Демири.
„До мене стигнаа наоди дека е зголемена смртноста на Клиниката. Формирав Комисија и извештајот го добив во петокот и немаше никакви значајни отскокнувања. Но, денеска добив друг податок, дека за 170 пациенти не се поднесени информации во ‘Мој термин‘ во однос на отпусни писма и умреници, така што претпоставувам дека таа бројка на смртност може да се промени. Јас сум министер во заминување и сакав да го одложам ова, но денеска решив да го разрешам д-р Шокаровски и покрај нарушени човечки односи“, рече Демири на прес-конференција во Министерството за здравство.
Не кажа кого ќе назначи на местото на д-р Шокаровски, но смета дека треба да биде експерт кој не е вработен на Клиниката.
Претходниот министер Фатмир Меџити во јуни лани го назначи д-р Шокаровски за директор откако претходно го разреши д-р Сашко Јовев.
Б. НЕСТОРОСКА