АЛБАНСКАТА ЗАЕДНИЦА ТРЕБА ДА ЈА ЗАСТАПУВА „ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ“ СО 18 ПРАТЕНИЦИ, А НЕ „ВРЕДИ“ СО 14, СМЕТА АЛИ АХМЕТИ И НАЈАВУВА ДЕМОКРАТСКА БОРБА ЗА ТОА

    АЛБАНСКАТА ЗАЕДНИЦА ТРЕБА ДА ЈА ЗАСТАПУВА „ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ“ СО 18 ПРАТЕНИЦИ, А НЕ „ВРЕДИ“ СО 14, СМЕТА АЛИ АХМЕТИ И НАЈАВУВА ДЕМОКРАТСКА БОРБА ЗА ТОА„Целата јавност ќе знае кои ќе бидат нашите наредни чекори. Ние целосно сме мобилизирани и организирани за одбрана на легитимноста“, кажа денеска Ахмети. (Фото: СДК.МК)

    Али Ахмети, во името на коалицијата „Европски фронт, повика на битка за почитување на духот на Охридскиот договор и почитување на правото на застапување од оние кои имаат легитимитет во заедницата. Според него, Европскиот фронт“ предводен од неговата ДУИ го има правото да ја застапува албанската заедница, бидејќи на изборите тие освоиле повеќе гласови и повеќе мандати од коалицијата „Вреди“.

    „Легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата и еднаквоста. Затоа ние заедно ја почнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и на обичајното право на застапување од страна на оние кои го имаат легитимитетот на заедниците. Вашиот глас не смее да биде небитен и ние сме тука заедно да ја предводиме вашата победа и да ја спроведеме вашата победничка волја. Задача на нашата генерација е заедно да не дозволиме поништување на достигнувањата и да спречиме повторување на непочитување на политичката волја и легитимитет“, изјави Ахмети на денешната прес-конференција одржана во седиштето на ДУИ во Мала Речица.

    Одговарајќи на новинарски прашања, Ахмети уште еднаш потврди дека Охридскиот договор е прекршен, дека немало да дозволи овој договор да не се почитува, но не најавува бојкот.

    „Целата јавност ќе знае кои ќе бидат нашите наредни чекори. Ние целосно сме мобилизирани и организирани за одбрана на легитимноста. Не станува збор за бојкот, туку ќе ги користиме и ќе ги исцрпиме сите демократски механизми во одбрана на легитимноста која сме ја добиле“, рече Ахмети.

    Ахмети негираше дека имало разрешување на Артан Груби, Назиф Буши, Фатмир Бесими или на други раководни лица од партијата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира