Министерството за здравство не кажува дали во Македонија стигна деветвалентната вакцина против ХПВ, која на 15 април беше најавена дека ќе стигне во мај.
Министерот за здравство Илир Демири, заедно со голема екипа – заменичката-министер за здравство Маја Манолева, претседателката на Националниот комитет за имунизација проф. д-р Александра Грозданова, претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани и специјалната претставничка на Светската здравствена организација (СЗО) Ане Јохансен на 15 април одржаа прес-конференција и кажаа дека на вакциналните пунктови ќе биде достапна деветвалентната вакцина против ХПВ.
Демири кажа дека се набавени 70 илјади дози на деветвалентната ХПВ вакцина за следните три години.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 31 мај испрати прашања во Министерството дали е стигната вакцината, ако не е, зошто доцни и кога ќе стигне, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
На прес-конференцијата во април, д-р Грозданова кажа дека во Македонија вакцината се користи од 2008, а од 2009 е воведена во Календарот за задолжителна имунизација, кој со оваа вакцина се осовременува. Досега се користеше четиривалентната, а сега е надополнета со пет серотипови, со кои, вели таа, се зголемува ефикасноста на оваа вакцина.
Вакцината, според календарот, може да ја примат и момчиња и девојчиња на возраст од 12 до 15 години, а ако се задоцни, може најдоцна да се прими до 18 години, т. е. до крајот на средното образование. Ако се прими на возраст од 12 до 15 години, се дава во две дози, а после 15 години во три дози.
Демири кажа дека со оваа вакцина ќе се понуди поквалитетна превенција од ХПВ инфекции, за преканцерозни лезии, како за карцином на грлото на матката.
Според извештајот од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања од ХПВ во земјата изнесува 52, 5 отсто. Покриеност од 100 отсто има само во шест општини: Демир Хисар, Свети Николе, Кочани, Делчево, Кратово и Валандово. За нискиот опфат на вакцинација, министерот Демири кажа дека после изборите се планираат законски измени, како на пример, да не може да се вработи здравствено лице без примени вакцини и поголема одговорност за родителите кои не ги вакцинираат децата.
Од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) често потсетуваат дека од клучно значење е и за момчињата и за девојчињата да ја примат ХПВ вакцината.
„Вакцинирањето на момчињата помага да се намали преносот на ХПВ (хуман папилома вирусот) и да се обезбеди директна заштита од ракот поврзан со ХПВ кај двата пола. Со вакцинирање на момчињата, како и на девојчињата, можеме да постигнеме повисоки нивоа на имунитет кај целото населението. Истовремено, вакцинирањето и на момчињата и на девојчињата ја промовира родовата еднаквост во здравството. Обезбедува двата пола да имаат еднаков пристап до заштита од болести поврзани со ХПВ и ја зајакнува пораката дека спречувањето на ХПВ инфекцијата е важно за секого, без разлика на полот“, вели МАГО.
Б. НЕСТОРОСКА