Зафрлено племе во Амазонија за првпат доби интернет благодарение на сателитите на Илон Маск и неговите водачи се пожалија дека членовите сега „висат“ на социјални мрежи и порнографски сајтови. Воведувањето на услугата на „Старлинк“ пред девет месеци внесе поделби меѓу 2.000 членови на бразилското племе Марубо, кое живее долж реката Итуи.
„Кога пристигна, сите беа среќни. Но, сега, работите се влошија. Младите луѓе станаа мрзливи поради интернетот и добиваат навики на белите луѓе“, изјави 73-годишниот локален водач Цаинама Марубо за „Њујорк тајмс“.
Друг локалец Алфредо Марубо кажа дека интернетот би можел да ги промени стандардите на пристојност што досега владееле во селото.
„Многумина млади мажи сега споделуваат порно видеа во групни разговори и почна да се забележува поагресивно сексуално однесување кај нив. Сите се толку поврзани на интернет што веќе не зборат меѓусебе во семејството“, рече тој.
„Старлинк“ функционира така што поврзува антени на 6.000 сателити во ниска орбита. Неопходните антени на селото му биле донирани од американскиот претприемач Алисон Рено.
Во прв момент, интернетот имал позитивни придобивки за селото зашто така можело директно и побрзо да контактира со властите за итни ситуации и се поврзало со други амазонски племиња. Истовремено, интернетот отворил многу нови можности за младите луѓе на Марубо.
„Во нашето село, ако не ловите, рибарите или садите растенија, нема да јадете. Некои продолжија да го прават тоа, но други цело попладне се на телефоните. Стравуваме дека штетата веќе е направена“, кажа 42-годишниот Тамасеј Марубо.