Општина Желино ја доби првата противпожарна единица. Во соработка со Општина Тетово, тетовските пожарникари од денес ќе бидат присутни и во Општина Желино, во единицата опремена со три противпожарни возила и неколку пожарникари. Во почетокот, пожарникарите ќе бидат во единицата во Желино во периодот од 7 до 19 часот, а за понатаму се очекува единицата да работи непрекинато, односно да има пожарникари во текот на целиот ден.
„Ова е направено во делот на проширување на активностите тетовската противпожарна бригада. Тетовските пожарникари покриваат многу широка територија, од село Јажинце до село Волковија. Затоа, видовме дека е потребно да имаме вакви дисперзирани единици кои ќе придонесат многу да се скрати времето за интервенција на пожарникарите. Оваа противпожарна единица во Желино е првата, а во наредниот период, во договор со општинските управи од Теарце и Боговиње, треба и кај нив да се отворат исти вакви единици со што противпожарна единица во Теарце треба да ја опслужува и Општина Јегуновце, а таа во Боговиње ќе биде и за Општина Брвеница. На ваков начин ќе може многу побрзо да се интервенира при пожари, и многу да се скрати времето за интервенција во однос на тоа кога би се чекала интервенцијата на противпожарната единица од Тетово“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.
Командирот на противпожарната бригада од Тетово вели дека во почетокот противпожарната екипа во Желино ќе биде присутна само од 7 до 19 часот, но подоцна се предвидува нејзино 24-часовно присуство.
„Во оваа станица засега ќе има петмина пожарникари, обезбедени се 2 противпожарни камиони и еден фургон кој ќе интервенира при сообраќајни и други несреќи. Според новата систематизација, сега имаме противпожарна бригада која има свои противпожарни единици. Тоа ќе бара и нови вработувања за овие единици да можат да работат со полн капацитет и 24 часа на ден“, вели командирот Авни Ахмети.
Тоа што преставува најголема пречка за побрзо формирање и на другите противпожарни единици е недостатокот на средства. Сега сиот товар паѓа на Општина Тетово, но во наредниот период се очекува и другите Општини да партиципираат во работата на овие противпожарни единици.
„Според законот, Општините треба да кофинансираат, но имајќи ја предвид финансиската состојба на овие рурални Општини, ние не бараме од нив пари, туку бараме само отстапат простории каде ќе биде единицата, а пожарникарите ќе бидат исплаќани од буџетот на Општина Тетово. А понатаму, кога овие општини финансиски ќе се консолидираат, ќе треба да имаме договор за заедничко финансирање на против пожарните единици“, рече градоначалникот Касами.
З. АНДОНОВ