Утринава се урна дел од потпорниот ѕид зад Детската клиника во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, во опасност се човечки животи и имот, рече денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Ангелов вели дека пред една и пол година до ЦУК стигнале пријави од неколку граѓани дека потпорниот ѕид на улицата Белградска, која минува веднаш до Клиничиот центар „Мајка Тереза“ , над Клиниката за детски болести е во лоша состојба, накосен е и постои опасност да падне.
Од ЦУК веднаш биле известени сите надлежни институции, како Министерството за здравство, Градот Скопје како и Општината Центар, Министерството за внатрешни работи (МВР ) за преземање на потребните мерки за да се заштитат животот и здравјето на граѓаните.
„За жал, една и пол година подоцна не е преземено ништо. Состојбата со ѕидот е уште повеќе влошена и рано утрово на 112 добивме пријава дека дел од овој ѕид е срушен, но прашање на ден, а можеби и на час, е кога ќе се сруши и останатит дел од ѕидот под кој што, меѓудругото, паркираат и возила, а се движат и лица. Затоа апелираме до Министерството за здравство, до Градот Скопје и Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опаснсот“, вели Ангелов.
Според него, опасноста е комплексна затоа што улицата Белградска го го разграничува Клиничкиот центар со куќите кои се веднаш над неа.
„Под улицата постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не можеме да ја утврдиме. Тие се во многу лоша кондиција. Не ја собират подземната вода коа доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид и со тоа дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата. Тука се движат возила во двата правци, но таа тесна и едвај се разминуваат. Во некое најлошо сценарио, ќе дојде до рушење на ѕидот, но и на улицата“, рече Ангелов, повторувајќи дека е потребна итна координација на надлежните институции.
Б. НЕСТОРОСКА