Советот за безбедност на Обединетите нации го поддржа американскиот предлог за примирје во Газа. Предлогот предвидува целосно и комплетно примирје, ослободување на заложниците, враќање на останките на мртвите заложници и размена на палестински затвореници.
Четиринаесет од 15-те членки на Советот за безбедност гласаа за предлогот, додека Русија беше воздржана. Во резолуцијата стои дека Израел го прифатил предлогот за примирје, а истото се бара и од Хамас.
На овој начин, Советот за безбедност се придружи на бројни влади и на групата Г7, кои го поддржаа триделниот план претставен од Џо Бајден на 31 мај. Бајден тогаш го опиша како израелски предлог за примирје.
Неколку часа пред гласањето, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, испрати порака до лидерите во регионот.
„Ако сакате примирје, притиснете го Хамас да каже да“, рече Блинкен.
Палестинската група претходно кажа дека поддржува некои делови од планот и сега соопшти дека ја поздравува резолуцијата на Советот за безбедност. Хамас веројатно ќе бара гаранции за постојано примирје и целосно повлекување на израелската војска од Појасот Газа.
Предлогот исто така предвидува голем план за обнова на Газа, која претрпе огромни уништувања во седуммесечната војна.
Резолуцијата е усвоена десет дена откако Бајден кажа дека Израелците го прифатиле планот, иако тој засега не е одобрен од премиерот Нетанјаху.