Хамас кажа дека одговорил на американскиот предлог за примирје во Газа, при што бара одредени измени, како израелска посветеност кон постојано примирје. Оваа палестинска група и нејзиниот сојузник Исламски џихад изразиле подготвеност за постигнување договор, се вели во нивната изјава.
Предложениот план, кој доби поддршка и од Советот за безбедност на Обединетите нации, предвидува првично шестнеделно примирје, кое потоа би станало трајно.
Катар и Египет, кои заедно со САД посредуваат во преговорите, потврдија дека Хамас го доставил својот одговор. Хамас притоа повика на целосен прекин на борбите во Газа.
„Нашиот одговор им дава приоритет на интересите на палестинскиот народ и ја нагласува неопходноста од целосно запирање на агресијата врз Газа. Подготвени сме да се ангажираме за да се постигне договор што ќе стави крај на оваа војна“, соопшти Хамас.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, вчера изјави дека Хамас ќе биде единствениот виновник ако пропаднат преговорите за примирје, зашто израелскиот премиер Нетанјаху дал уверувања дека ќе застане зад планот.
Предложен од Џо Бајден минатиот месец, планот со неколку фази предвидува целосно и комплетно примирје, ослободување на заложниците, враќање на останките на мртвите заложници и размена на палестински затвореници, а подоцна и целосно повлекување на израелската војска од Газа и нејзина обнова. Целосниот текст на предлогот засега не е објавен во јавност.