Панче Тошковски ќе биде министер за внатрешни работи во идната Влада, Александар Николоски вицепремиер и министер за транспорт и врски, а министер за одбрана Владо Мисајловски. Ова го соопшти вечерва на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за Влада Христијан Мицкоски, по завршување на седниците на Извршиот и Централниот комитет на партијата.
„Гордана Димитриеска-Кочоска ќе биде министерка за финансии, а актуелниот градоначалник на Општина Аеродром Тимчо Муцунски ќе биде министер за надворешни работи, Златко Перински ќе биде министер за локална самоуправа, Стефан Андоновски за информатичко општество и администрација, додека Борко Ристовски ќе биде на чело во новото Министерство за спорт. Сања Божиновска ќе биде министерка за енергетика, прв човек во земјоделие ќе биде Љупчо Трипуновски. Актерот Зоран Љутков ќе биде министер за култура и туризам, а министерка за образование и наука Весна Јаневска“, кажа мандатарот Мицкоски.
Од коалиционите партнери, Социјалистичката партија односно Љупчо Димовски го добива местото заменик -претседател на Владата и министер за политички систем, Игор Стоиљковиќ исто така ќе биде потпретседател на Влада и министер за односи со заедниците, додека Шабан Салиу министер без ресор задолжен за спроведување на декадата на Ромите.
Мицкоски новот владин состав ќе го достави во Собранието на 18 јуни, а рече дека очекува владата да биде избрана на 22-23 јуни.
Изминативе денови имињата на министрите ги објавија и коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, ЗНАМ и Вреди. Во петокот од ЗНАМ соопштија дека нивни кандидат за министер за правда ќе биде Игор Филков, додека прв човек во Министерството за јавна администрација ќе биде Горан Минчев.
Претседателот на Демократско движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, во понеделникот најави дека веројатно тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, додека Арбен Таравари ќе биде министер за здравство. Кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи. Од редовите на Беса, исто така дел од Вреди, Фатмир Лимани ќе биде министер за социјална политика, демографија и млади, а Бесар Дурмиши министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам.
Од Алтернатива предложени за министри се Орхан Муртезани во Министерството за европски прашања, поранешниот генерален директор во МЕПСО и во Македонски Железници-Транспорт, за заменик-министер на за образование проф. д-р. Лулзим Алиу, универзитетски професор и продекан на Педагошкиот факултет, и за заменичка-министер за етнички заедници Сафије Садики Шаини, универзитетска професорка, поранешена пратеничка и потпретседателка на Алтернатива.
А. АНТЕВСКА