Владимир Путин го пофали Ким Џонг Ун што цврсто ја поддржува војната во Украина во пресрет на првата посета на Северна Кореја од 2000 година. Се очекува рускиот претседател денеска да пристигне во Пјонгјанг, девет месеци откако Ким ја посети Русија.
Во писмо објавено во севернокорејските медиуми, Путин вети дека ќе изгради трговски и безбедносни системи со Северна Кореја кои нема да бидат контролирани од западот и дека ќе ги поддржува нејзините напори да ги брани своите интереси од американските воени закани, уцени и притисоци. Тој вели дека двете земји ќе продолжат одлучно да се спротивставуваат на западните амбиции да се спречи воспоставување мултиполарен светски поредок заснован врз заемно почитување на правдата.
САД соопштија дека се загрижени за продлабочувањето на односите помеѓу Русија и Северна Кореја.
Кремљ го опиша доаѓањето на Путин како пријателска државна посета, а руските медиуми објавија дека двајцата лидери би можеле да потпишат партнерски договор, кој се однесува и на безбедносни прашања. Во придружба на Путин треба да бидат министрите за надворешни работи и одбрана, Сергеј Лавров и Андреј Белоусов и вицепремиерот Александар Новак. Путин потоа ќе го посети и Виетнам.
Последен пат кога Путин беше во Северна Кореја нејзиниот лидер беше таткото на Ким Џонг Ун, Ким Џонг Ил.