ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛАТА ПЧИЊА, СТУДЕНА БАРА И ВАК’В ПОТЕСТИРАА ЗА ТРУЕЊЕТО СО ЧАД ОД ДЕПОНИЈАТА КРАСТА

    ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛАТА ПЧИЊА, СТУДЕНА БАРА И ВАК’В ПОТЕСТИРАА ЗА ТРУЕЊЕТО СО ЧАД ОД ДЕПОНИЈАТА КРАСТАДепонијата се запали синоќа околу 22 часот, а жителите велат дека пред три дена ги известиле надлежните оти има пожар на долниот дел од ѓубриштето, но не било преземено ништо тоа да се спречи. (Фото: СДК.МК)

    Жители на кумановското селата Пчиња, Студена Бара и Вак’в денеска излегоа на протест и неколку часа го блокираа влезот на депонијата Краста, незадоволни што надлежните од ЈП „Чистота и зеленило“ не реагирале навремено и дозволиле да се запали сметот поради кој од утринава се душат во чад. Тие тврдат дека пред три дена ги известиле надлежните оти има пожар на долниот дел од ѓубриштето, но не било преземено ништо тоа да се спречи.

    „Депонијата се запали синоќа околу 22 часот. Да не беше месното население, пожарот ќе направеше пустош на житните култури, и ќе се проширеше кон селото. Излезе народот навремено со сопствена маханизација, трактории со лопати го гасневме пожарот до 3 часот утринава. Никој од надлежните досега не излезе да каже што ќе се случи. Населението се гуши од густиот чад, не се диши во селата, а никој не презема ништо. Причина за пожарот е несоодветното работење, а за тоа разговаревме со претседателката на Советот и со сите советници, но никаква полза од тоа“, вели Александар Илиевски, претседател на месната заедница во селото Пчиња.

    На депонијата Краста се изнесува ѓубрето од Куманово, па жителите потсетуваат дека се работи за децениски проблем кој го загрозува здравјето на 800 жители и над 200 деца, а утринава интервенирала и Брзата помош. Во густиот чад не е обвиткана само котлината во нивните села, туку и Скопскиот Регион по течението на реката Пчиња.

    Жителите бараат од локалната власт да го контролира работењето на депонијата која е надвор од сите стандарди, за да не доаѓа до вакви еколошки катастрофи. (Фото: СДК.МК)

    „Проблемот е голем, но синоќа ескалираше, а никој не реагира. Чадот нема да престане во наредните 10 дена, затоа што не се гаси, се обидуваат со земја да ги затрупаат, но тоа оди споро. Бараме да дојде директорот, да разговараме и најдеме заедничко решение, а тоа е целосна дислокација на ова ѓубриште, нешто што го бараме 40 години. Ова е само почеток, како месна заедница и население нема да се повлечеме од нашите барања. Не може ние да се иселиме, наместо да се тргне депонијата“, вели Иван Вукановски, член на месната заедница Пчиња.

    Во синоќешниот голем пожар изгореле неколку ниви околу депонијата.

    „Ми изгоре јачмен од 2-3 хектари, со што ми е предизвикана штета од околу 7-8 илјади евра. Благодарени на жителите од село Пчиња, со трактори и друга механизација беше локализиран пожарот. Цела ноќ дежуравме за да не се зафати поголема површина, бидејќи од огнената стихија летаа најлони и парчиња од дрво и палстика кои го ширеа пожарот“, вели Ивица Симоновски од Студена Бара.

    Жителите бараат од локалната власт да го контролира работењето на депонијата која е надвор од сите стандарди, за да не доаѓа до вакви еколошки катастрофи.

    Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Ненад Стојановски, тврди дека пожарот не е предизвикан од депонијата туку однадовр, и дека не е точно дека интервенирале само селаните, туку тие реагирале навремено со сиот технички и човечки потенцијал, поради што пожарот е навремено е локализиран и спречен да се прошири.

    „Имам информации дека пожарот не е настанат на самата депонија туку 500 метри под депонијата, во една нива, и има индиции дека е подметнат. Кои се причините треба да утврди МВР. Бидејќи пожарот е изгаснат сега се трупа со земја, чадот не се гасне со вода. Јас ги разбирам жителите на Пчиња дека депонијата им предизвикува проблеми, но тој проблем не можеме да го решиме ние како препријатие. Таа ќе постои се додека не профункционира депонијата во Свети Николе, што е обврска на Министерството за животна средина“, изјави Стојановски, која најави дека ќе се постави обезбедување на депонијата и ќе побара од државните институции да помогнат.

    Тој ги повика жителите да го одблокираат влезот на депонијата, бидејќи решение на проблемот може да се постигне само со дијалог и соработка.

    Денеска на терен излезе инспектори од Секторот за животна средина на Општина Куманово кои направија вонреден инспекциски надзор, при што констатирале дека има самозапалување на депонијата и ќе наложат на ЈП „Чистота и зеленило“ во рок од 48 часа да ги преземе сите мерки, за да се спречи понатамошно ширење на пожарот на депонијата.

    Жителите најавија дека протестот ќе продолжи по 16 часот сè до решавање на проблемот, и нема да дозволат да се изнесува ѓубрето од Куманово.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира