ТРЕБАШЕ ДА ПОМИНЕ ВРЕМЕ ЗА ДА ПОЧУВСТВУВАМЕ КОЛКУ Е ГОЛЕМА ВРЕДНОСТА НА АНДОВ И СОВРЕМЕНИЦИТЕ, КАЖА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО ПАРЛАМЕНТОТ

    ТРЕБАШЕ ДА ПОМИНЕ ВРЕМЕ ЗА ДА ПОЧУВСТВУВАМЕ КОЛКУ Е ГОЛЕМА ВРЕДНОСТА НА АНДОВ И СОВРЕМЕНИЦИТЕ, КАЖА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО ПАРЛАМЕНТОТПретседателката со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и поранешниот спикер Трајко Вељаноски (Фото: К. Попов)

    Со голем дигнитет кон починатиот прв претседател на Собранието на плурална Македонија Стојан Андов, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одржа говор во пленарната сала каде денеска се одржа комеморација.

    Изразувајќи сочувство по повод смртта на првиот демократски избран македонски функционер по осамостојувањето, Сиљановска-Давкова кажа дека Андов беше државник, политичар, економски експерт, дипломат од висок ранг, политиколог, новинар, публицист, писател којшто ја промислуваше македонската и меѓународната сцена, притоа, како што рече, што е особено важно и за културниот идентитет на македонскиот народ, соживотот на сите македонски граѓани без разлика на нивната верска, идеолошка и национална припадност, соработката со соседите и светот врз односи на рамноправна основа, давајќи голем придонес на културата на сеќавањето, како предуслов за подобро утре на сите.

    Стојан Андов беше предводник на разумноста и трпеливоста со неговиот богат животен и професионален опит, одмереност, комуникативност и енциклопедиска образованост, како страсен историчар, прагматичен, со чувство за реалноста и најдобар писател меѓу политичарите, рече претседателката Сиљановска-Давкова.  (Фото: К. Попов)

    „Замина првиот претседател на Собранието во демократска Македонија избран на првите повеќепартиски избори, потоа избран уште двапати на истата функција, еден стамен столбник на нашата современост којшто даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

    Таа кажа дека требаше да помине време за да ја почувствуваме вредноста на Андов и на неговите современици, кои се вложија себеси во неброени денови и ноќи за да ја застанат државата на нозе.

    Претседателката зборуваше и за идеолошките напади кон Стојан Андов, за неговата улога во југословенското државно и партиско водство, за политичките судири што ги имал во Југославија, како и за неговата значајна улога во Стопанската реформа и во спречувањето на затворањето на ФЕНИ.

    „Замина, угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, којшто беше член на сојузните влади во два мандата, кој што го прокрстари светот, како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница, претходничката на Европската Унија, којшто во име на сојузната влада го потпиша Договорот за соработка со Европската економска заедница“, нагласи Сиљановска-Давкова.

    Натаму, го истакна и државничкото однесување на Андов на патот кон самостојноста и независноста, кога, како што посочи, имаше многу изблици на емоции и конфликтот беше во воздухот.

    Таа рече дека Стојан Андов беше предводник на разумноста и трпеливоста со неговиот богат животен и професионален опит, одмереност, комуникативност и енциклопедиска образованост, како страсен историчар, прагматичен, со чувство за реалноста и најдобар писател меѓу политичарите.

    Претседателот на Собранието Африм Гаши потоа ги повика сите присутни да му изразат сочувство на семејството на Андов, кој почина вчера на 88 години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира