Ако сакате да ја зачувате природата, дозволете ни да убиваме мечки, побарал словачкиот вицепремиер Томаш Тараба во замена за клучниот глас за изгласување на историскиот закон за природата на Европската Унија.
„Јасно ставивме на знаење дека не можеме да го поддржиме законот за обнова на природата ако не добиеме одобрение за нашето законодавство за мечките. И тоа и се случи“, изјави Тараба по гласањето за законот кој бара од членките на ЕУ да обноват една петина од копнените и морските области до крајот на оваа деценија.
Европската комисија негираше дека ваква трговија се случила, но Тараба покажа белешка испратена до словачкиот премиер Фицо минатата недела, во која еврокомесарот за животна средина Виргинијус Синкевичиус дал начелна поддршка за контроверзниот словачки закон со кој се дозволува убивање мечки близу градови и села. Тој притоа побарал од Тараба да гласа за европскиот закон.
Од тимот на Синкевичиус негираат дека тоа било трговија.
Тараба, кој е и словачки министер за животна средина, претходно кажа дека се противи на законот за обнова на природата, кој беше остро критикуван од земјоделците, но во понеделникот го промени ставот, велејќи дека Словачка веќе ги исполнила целите на законот. Неговиот глас помогна законот да се изгласа со најмала можна разлика.