Д-р Панче Арсов, специјалист-интернист од Велес, е добитник на годишната награда на Лекарската комора на Македонија „Св. Наум Охридски“. Ова признание го доби на почетокот на месецов, како доктор со богато професионално искуство, за совесно и одговорно извршување на лекарската професија.
„Секое признание е некаков облик на сатисфакција за вложениот труд, напор, знаење, за сѐ што е сработено во стручниот живот. Кога наградата ‘Св. Наум Охридски’ се востанови 1997, бев член на Извршниот одбор, кој го донесе Правилникот за нејзино доделување. Но, не помислував дека еден ден јас ќе ја добијам оваа награда. Таа е и еден вид на поттик за натамошно работење, ангажирање“, кажа д-р Арсов.
Во образложението за наградата се вели дека д-р Арсов претставува синоним за доктор кој посветено и одговорно се грижи за своите пациенти и несебично дава поддршка на колегите во секојдневната комуникација, но и преку организираното дејствување во Комората и стручните здруженија. Тој 45 години е во здравството, помал дел минат во јавното, а поголем дел во приватното.
Прашан дели вредеше толку ангажман здравството, посветен на здравјето на пациентите, дали работите се поместуваа во позитивна насока, тој оптимистички даде потврден одговор.
„Да се родам повторно, повторно доктор ќе бидам, 35 години интернист претходно доктор по општа медицина. Мојот свет, мојот живот е медицината, помагањето на луѓето. И понатаму сум член на тела на Лекарската комора. Следната година кога ќе мора да заминам, ќе најдам начин да останам во здравството“, вели д-р Арсов.
За семејната лоза најдобро зборува фактот што тој е син на д-р Цветко Арсов, доктор кој ја има дипломата бр.1 на Медицинскиот факулет од Скопје. По неговите стапки продолжуваат и синот и ќерката.
П. ПЕЧКОВ