Холандскиот премиер на заминување Марк Руте денеска и официјално беше назначен за нов генерален секретар на НАТО.
„Огромна чест е да се биде генерален секретар на НАТО. Алијансата е и ќе остане столб на нашата колективна безбедност. Водењето на оваа организација е одговорност и благодарен сум што алијансата ми ја даде довербата“, изјави Руте.
Тој ќе ја преземе функцијата од Јенс Столтенберг на 1 октомври, непосредно пред претседателските избори во САД. Доналд Трамп најави дека ако победи, ќе ја преиспита улогата на САД во НАТО и ќе ја намали помошта за Украина.
Педесет и седумгодишниот Руте е голем поддржувач на Украина и критичар на Владимир Путин и зад неговата кандидатура веднаш застанаа САД, Велика Британија, Франција и Германија. Руте беше премиер на Холандија од 2010, а пред ланските избори објави дека се повлекува од холандската национална политика.