Нефункционален руски сателит се распаднал на речиси 200 парчиња во вселената, принудувајќи ги астронаутите од Меѓународната вселенска станица да бидат во засолниште еден час, објави НАСА. Нема информации што довело до распаѓањето на набљудувачкиот сателит „Ресурс-П1“, што Русија го прогласи за мртов во 2022.
Американската вселенска команда објави дека ги следи остатоците и дека нема моментална опасност по други сателити.
„Настанот се случи во средата во орбитата близу Меѓународната вселенска станица, принудувајќи ги американските астронаути да останат засолнети во нивното вселенско летало околу еден час“, кажа НАСА.
Руската вселенска агенција Роскосмос јавно не го потврди инцидентот, кој се случил на височина од 355 километри во ниската Земјина орбита, каде што оперираат илјадници сателити со разни големини.
Американската вселенска команда, која има глобална мрежа радари за следење на вселената, објави дека сателитот во прв момент се распаднал на 100 парчиња што можат да се следат, за потоа нивниот број да биде зголемен на најмалку 180.
„Поради ниската орбита во која се наоѓа облакот од остатоци, ќе бидат потребни неколку недели до неколку месеци пред да помине опасноста“, изјавија од НАСА.