ВО ШПАНИЈА ОТКРИЕНИ ФОСИЛИ НА НЕАНДЕРТАЛСКО ДЕТЕ КОЕ ИМАЛО ДАУНОВ СИНДРОМ

    ВО ШПАНИЈА ОТКРИЕНИ ФОСИЛИ НА НЕАНДЕРТАЛСКО ДЕТЕ КОЕ ИМАЛО ДАУНОВ СИНДРОМОвие фосили укажуваат дека кај овие изумрени древни луѓе постоела сочувствителна грижа. (Фото: Гети)

    Во мала група неандерталци која живеела во денешна источна Шпанија имало и шестгодишно дете со Даунов синдром, покажуваат фосили откриени на локалитет во провинцијата Валенсија. Овие фосили не само што ги претставуваат најраните познати докази за оваа сериозна генетска состојба, туку, како што велат научниците, укажуваат дека кај овие изумрени древни луѓе постоела сочувствителна грижа.

    Иако научниците не се сигурни дали детето е машко или женско, тие го нарекоа Тина.

    Фосилот, со целосно зачувана анатомија на внатрешното уво, бил пронајден во 1989, но неговото вистинско значење било препознато дури неодамна. Тоа е фрагмент од една од двете слепоочни коски, кои помагаат да се формираат страните и основата на черепот. Комбинацијата на абнормалности во внатрешното уво кај Тина е својствена само за луѓето со Даунов синдром.

    Патологијата што ја претрпела оваа индивидуа резултирала со силно оневозможувачки симптоми, вклучувајќи целосна глувост, тешки напади на вртоглавица и неможност да се одржи рамнотежа. Со оглед на овие симптоми, малку е веројатно дека мајката сама можела да ја обезбеди сета неопходна грижа и истовремено да се грижи за сопствените потреби. Затоа, за да преживее Тина најмалку шест години, групата морала континуирано да ѝ помага на мајката“, вели палеоантропологот Мерседес Конде Валверде, водечка авторка на студијата.

    Точната старост на фосилот не е утврдена, но Конде Валверде вели дека има докази за присуството на неандерталците на локалитетот Кова Негра во периодот меѓу 273.000 и 146.000 години.

    Тоа што ова дете го преживеало периодот на доење подразбира групно негување, веројатно попроширено од родителско згрижување. Инаку, многу е тешко да се објасни неговото преживување до шестгодишна возраст“, додаде Конде Валверде.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира