Со македонската премиера на македонско-данскиот музички документарец „Ефтеркланг: Македониум бенд“, на 11 јули се отвора 23. издание на меѓународниот фестивал на европски филм Синедејс, на кој до 17 јули ќе се прикажат повеќе од 40 филмски наслови. Под слоганот „Како е? Викај ура“, настаните ќе се одржуваат во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и во Летното кино на Кинотеката.
„Eфтеркланг: Македониум бенд” е првиот филм во продукција на Младински културен центар во Скопје. Се снимаше во април 2023 и го следи патешествието на данската група „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел да се состави голем ансамбл кој би извел перформанс пред споменикот „Македониум” во Крушево. Филмот имаше светска премиера во Копенхаген на фестивалот CPH-DOX на 23 март 2024.
И годинава, натпреварувачката програма на Синедејс ја селектираше Бернд Будер, а содржи светски и македонски филмови и копродукции, поделени во официјална селекција, гала програма, СЕЕ програма, македонски кратки филмови, ретроспектива на филмови на Вељко Булајиќ и кратки филмови од Вим Вендерс.
Во гала програмата, Синедејс директно од Кан ги носи новите остварувања на Дејвид Кроненберг, Вуди Ален, Коралин Фержо, Мохамад Расулоф, Џја Џангке, Мишел Хазанавициус и Роман Полански.
Во музичката програма, покрај свеченото отворање на фестивалот со концертот на „Ефтеркланг: Македониум бенд“, ќе настапат и регионалниот експериментален панк бенд „Турбо транс туристи“, скопскиот инди состав „СИЗ“ и психоделичното музичко дуо „Сирил-Сирил“ од Швајцарија.
Билетите за фестивалот ќе бидат по цена од 250 денари.