ФРАНЦУСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР БРУНО ДЕЛБОНЕЛ ЌЕ ЈА ДОБИЕ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ФРАНЦУСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР БРУНО ДЕЛБОНЕЛ ЌЕ ЈА ДОБИЕ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА „БРАЌА МАНАКИ“Оскаровецот Делбонел ќе добие Златна Камера 300 за животно дело. (Фото: ИФФ Браќа Манаки)

    Францускиот кинематографер Бруно Делбонел е годинашниот добитник на Златна Камера 300 за животно дело на 45. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола, соопшти директорот Симеон Мони Дамевски. Тој најави најави дека шест светски познати кинематографери кои се досегашни добитници на специјални награди на „Манаки“, ќе дојдат во Битола годинава.

    „Наградата за животно дело годинава ја добива францускиот кинематографер Бруно Делбонел кој има шест номинации за Оскар, последната за ‘Трагедијата на Магбет’, и четири номинации за ‘БАФТА’. ‘Хари Потер 6’ е еден од неговите најпознати филмови. Подготвуваме една низа на прекрасни изненадувања. Во моментов 18, од 35-те кинематографери кои се добитници на наградата за животно дело се живи, и ние се обидуваме да ги поканиме и да ги донесеме во Битола сите, иако повеќето се на возраст од над 80 години. Сакаме да им дадеме камера, и секој од нив да сними една до две минути од Битола, видена низ очите на големите мајстори“, кажа Дамевски.

    67-годишниот Делбонел се прослави со „Необичната судбина на Амели Пулен“ на Жан Пјер Жене за што во 2002 ја доби и првата номинација за Оскар. Делбонел беше лауреат на Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на „Браќа Манаки“ во 2011.

    Дамевски рече дека Фестивалот има идеја во иднина во Битола да се отвори музеј со маици потпишани од светските кинематографери, пенкала и светломери кои тие ги користеле.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира